Кошаркарите на Голден Стејт Вориорс го совладаа Далас Маверикс со 120:110 во петтиот натпревар од финалната серија во Западната конференција и се пласираа во големото финале на НБА лигата каде го чекаат подобриот од дуелот меѓу Мајами Хит и Бостон Селтикс.
За првпат во историјата, Стеф Кари, играчот на Голден Стејт Вориорс, ја доби наградата за МВП во финалето на конференцијата, награда именувана по Меџик Џонсон на Западот.
Голден Стејт Вориорс до победата ги предводеше одличниот Клеј Томпсон со 32 поени, од кои осум тројки. Ендрју Вигинс постигна 18 поени и 10 скока, а Дрејмонд Грин мечот го заврши со 17 поени, шест скока и девет асистенции.
Стеф Кари постигна 15 поени со слаб процент на шут, но додаде девет асистенции.
Од друга страна, Лука Дончиќ стандардно беше најдобар кај Далас Маверикс. Словенецот постигна 28 поени со девет скока и шест асистенции.