Роман Абрамович конечно успеа да го продаде лондонски Челзи и сега славниот англиски клуб доби нови сопственици.
Челзи со официјално соопштение во саботата наутро потврди дека преговорите влегле во завршна фаза во петокот навечер и дека клубот е продаден.
Нов сопственик на клубот е Тод Боили, сопственик на безбол клубот Лос Анџелес Доџерс.
Конзорциумот – предводен од Боили, како и Кларк Капитал, Марк Волтер и швајцарскиот милијардер Хансојерг Вис, ќе му плати на клубот околу 4,5 милијарди долари и ќе биде обврзан да инвестира уште 1,7 милијарди долари во него.
Боили, американски инвеститор и бизнисмен, има пријавена нето вредност од 4,5 милијарди долари (3,6 милијарди фунти), според Форбс.
Покрај тоа што е сопственик на Доџерс, тој има удел и во Лос Анџелес Лејкерс, а сопственик е и на женскиот НБА тим Лос Анџелес Спаркс.
„Челзи може да потврди дека е постигнат конечен и дефинитивен договор за продажба на клубот на Тод Боили / Клирлејк Капитал. Трансакцијата се очекува да биде комплетирана во понеделник. Клубот потоа ќе објави дополнителни информации“, се вели во соопштението.
Ова и официјално значи крај на ерата на Роман Абрамович на „Стенфорд Бриџ“. Во ерата на Абрамович „сините“ освоија 19 трофеи од 2004 до 2021 година, меѓу кои пет во Премиер лигата и две во Лигата на шампиони.