Доминација на дебитантите и на Дукати, на квалификациите пред трката за Големата награда на Италија, во Мото ГП шампионатот. Првото и второто место ги освоија дебитантите во „кралската класа“, Фабио Ди Џанантонио од Гресини и Марко Безеки од ВР46, а првиот стартен ред го комплетираше колегата на Безеки, Лука Марини. На првите пет места во квалификациите завршија четворица возачи на сателитските тимови на Дукати и Пеко Бањаја од фабричкиот тим.
Ди Џанантонио, во својата деби сезона во најсилната класа, ја освои првата пол-позиција. Возачот на Гресини, водеше во најголемиот дел од квалификациите, а најбрзото време го постави во последниот летечки круг 1:46.156 минути.
Четвртото место му припадна на Жоан Зарко од Прамак Дукати, петти е Пеко Бањаја, а вториот стартен ред го комплетираше актуелниот светски првак, Фабио Квартараро од Јамаха.