Германскиот фудбалер Месут Озил се огласи на Твитер по повод се почестите наводи во турските медиуми дека ќе го напушти тимот на Фенербахче. Играчот од средниот ред со турско потекло изјави дека не планира да го напушти жолто-синиот тим.
Озил се поврзуваше со заминувањето во американската МЛС, во тимот на Интер од Мајами предводен од Дејвид Бекам.
„Морам да дадам официјална изјава во врска со мојата кариера за да го демантирам пишувањето на одредени медиуми. Целта во кариерата ја постигнав со потпишување на три и пол годишен договор со Фенербахче. Тој клуб е мојата детска љубов и сакам да останам, иако не земав плата во првите шест месеци од мојот престој во клубот“, напиша 33-годишниот Месут Озил.
„Повторно нагласувам – не сакам да ја завршам кариерата во друг клуб освен во Фенербахче. До крајот на договорот ќе го носам само дресот на Фенербахче, мојата одлука е јасна и конечна“, додаде фудбалерот на Гелзенкирхен.
Озил е член на Фенербахче од 2021 година, а претходно настапуваше за Шалке 04, Вердер Бремен, Реал Мадрид и Арсенал. За германската репрезентација одигра 92 натпревари и постигна 23 гола.