Шкендија доживеа дебакл во Велс, во реванш натпреварот од првата квалификациска рунда, во Лигата на шампионите, но сепак ќе игра во наредното коло. Домашниот ТНС ја победи Шкендија со 4:0 (3:0), а македонскиот шампион во наредното коло мина благодарение на победата од 5:0 пред една недела во Скопје.
Тренерот на Шкендија, Османи, натпреварот го започна без Ибраими и Радески, а нивните соиграчи очигледно го потценија противикот, поради што во 35.минута резултатот беше 3:0 за шампионот на Велс.
Еби го постигна првиот гол за ТНС во 15.минута, по половина час игра Редмонд зголеми на 2:0, а Кабанго во 35.минута навести дека Велшаните можат да приредат сензација.
Сепак тоа не се случи, иако домашните играчи имаа свои шанси и во второто полувреме. Конечниот резултат го постави Бирн во 96.минута.
Шкендија во втората рунда ќе игра против победникот од дуелот помеѓу Шериф (Молдавија) и Торпедо (Грузија). Овој мече се игра утре, а шампионот на Грузија по првиот меч има предност 2:1.