МЗТ Скопје Аеродром поведе во финалната серија од домашниот кошаркарски плеј-оф откако го доби воведниот натпревар на домашен терен убедливо со 91:76. Битката за трофејот денеска е преселена на теренот на Пелистер со што за првпат во градот има пресметка за кошакракрскиот трофеј.
За Пелистер е исклучително важно да забележи успех во денешниот дуел за да си обезбеди подолга финална серија. Ако не го стори тоа, МЗТ ќе биде на чекор до деветтата титула со оглед дека третиот натпревар на 7. јуни е закажан во салата „Јане Сандански“ каде за битолскиот состав ќе биде многу тешко да направи брејк и да го спречи новото славје на аеродромци.
Кошаркарите на Пелистер во обидот да дојдат до поволен резултат вчера прошетаа низ Широк Сокак, побараа поддршка во битката за тронот, ветија добра игра, па се очекува денеска (18.30 часот) салата „Боро Чурлевски“ да биде исполнета.