Формула 1 мора да се води како диктатура, смета поранешниот возач и сопственик на Ф1 тим, Герхард Бергер, кој сега е прв човек на германскиот туринг шампионат ДТМ.
Бергер, поранешниот клупски колега на Аиртон Сена, во интервју за „Билд“ вели дека со очај ги гледа Ф1 трките и признава дека главниот проблем се болидите.
„Фудбалот не ги менува своите правила постојано. Мислам дека не се обидуваат да го решат вистинскиот проблем, и само сакаат да имаат нешто да кажат. Болидите прво се претешки, потоа треба да има технологија која ќе можат да ја развиваат повеќе од две-три големи компании. Трето, технологијата не треба да е толку одлучувачка, и четврто, возачот мора да може да победи со надпросечен болид“, вели Австриецот.
Тој, сепак, додава дека новите сопственици „Либерти медија“ не се главните виновници, бидејќи состојбата е резултат на „Конкорд договорот“ со тимовите кој трае до 2020 година.
„Најлошо е да не се донесат одлуки. Ги сфаќам големите производители околу нивниот став за моторите, бидејќи потрошија многу пари, но вака не се стигнува до договор. Во Ф1 е потребна диктатура, со еден-двајца луѓе кои одлучуваат, сега тоа би биле Чејс Кери за новите сопственици и Жан Тод како претседател на ФИА“, завршува Бергер.