Во четвртиот натпревар од финалето на НБА, Стеф Кари влезе во друштво во кое се само Мајкл Џордан и Леброн Џејмс. Најдобриот шутер во историјата на НБА лигата, го предводеше Голден стејт до победата 107:97. Кари мечот го заврши со 43 поени (14/26 од игра, 7 тројки) и со тоа стана единствениот кошаркар, покрај Џејмс и Џордан, кој успеал да постигне 40 или повеќе поени во финалето на возраст од 34 години.
Ова беше 13-ти натпревар за Кари во финалето со 30 или повеќе поени, со што се изедначи со Коби Брајант на осмото место на вечната листа.
Тој стана и првиот играч со најмалку 40 поени, десет скока и седум тројки во еден финален натпревар.
Покрај Кевин Дурент и Леброн Џејмс, уште само Кари забележал 40+ поени, 10+ скока и 6+ тројки во еден финален натпревар.
Кари, заедно со соиграчите Клеј Томпсон и Дрејмонд Грин, стигна до бројката од 19 победи во финалните натпревари, на вечната листа овие тројца се изедначија со легендарното трио на Сан Антонио Спарс, Тим Данкан, Ману Џинобили и Тони Паркер.