Една недела по раскинувањето на соработката со Челси, Антонио Конте, решил да поднесе тужба против својот поранешен клуб.
Конте го тужи Челси бидејќи смета дека поради нерешителноста на клубот да му врачи отказ, пропуштил две можности да си најде работа. Челси кон својот поранешен тренер ќе одговори со контра тужба поради случајот со Диего Коста и начинот на кој Конте му соопштил на напаѓачот дека повеќе не смета на неговите услуги.
Добро упатените во случајот сметаат дека со контра тужбата Челси ќе се обиде да не му го исплати обесштетувањето на тренерот, кое изнесува 11 милиони евра.
Конте тврди дека со тоа што клубот одолговлекувал со отказот му расипал две добри можности за работа, во Реал Мадрид и во италијанската репрезентација.
Клубот, од друга страна, смета дека со константните недоразбирања со играчите и челниците, Конте го нарушил имиџот на клубот, а дека случајот со Диего Коста е доволен за да не ги добие парите што му припаѓаат според договорот.
Во Челси сметаат дека Конте без консултација со челниците го отпишал Диего Коста, а дека не смета на него му соопштил со СМС порака.