Англија и Италија одиграа без голови на синоќешниот дуел во Лигата на нации, а во селекцијата на „аѕурите“ дебитираше новиот стопер на Јувентус, Федерико Гати.
Интересно е дека до пред четири години, 23-годишниот дефанзивец кој пристигна од Фросиноне беше со километри оддалечен од сериозниот фудбал. Работел како ѕидар и столар, а кога ќе му дозволело времето продавал и производи на пазар. Викендите играл за Вербанија во петтата италијанска лига, но се покажал, па во 2020 година се пресели во третата лига во тимот на Про Патрија.
И токму таму животот на Гати доби сосема поинаков правец. Во Про Патрија беше меѓу најдобрите дефанзивци во лигата, минатото лето го купи Фросиноне од Серија Б за 150.000 евра.
Гати и таму одигра одлично, а Фросиноне остана без плеј-оф за Серија А поради полош сооднос со Перуџа. Но, Гати наредната сезона ќе игра во најсилниот ранг на италијанскиот фудбал, во редовите на Јувентус, со оглед дека Џорџо Кјелини замина, па би можел да има место дури во стартниот состав.
Во пресрет на Лигата на нации, тој доби покана од Роберт Манчини, кој му даде шанса за настап во дресот на „аѕурите“ против Англија.