Репрезентацијата на Англија доживеа шокантен пораз (0:4) од Унгарија во четвртото коло од Лигата на нации. Тоа е најтешкиот пораз за селекцијата на Гордиот албион уште од 1928 година и поразот од Шкотска (2:5) на домашен терен.
Селекторот Герет Саутгејт ја презеде одговорноста и тврди дека преземал ризик затоа што им дал шанса и на некои помлади фудбалери.
„Одговорноста е моја. Направив промени во нападот и премногу се отворивме. Јас сум виновен за нашето лошо издание на сите четири натпревари. Се обидов да им дадам шанса на некои од помладите играчи. На двата натпревари против Унгарија не бевме доволно добри и бевме казнети. Ја разбирам реакцијата на навивачите. Најважно е да не престанат да не поддржуваат. Младите со текот на времето ќе станат подобри. Моја должност е да ги заштитам играчите и да ја понесам одговорноста за овие резултати“, изјави Герет Саутгејт.