Трикратната олимписка шампионка во фрлање кладиво, полската атлетичарка Анита Влодарчик денеска потврди дека нема да учествува на Светското првенство во Јуџин поради истегнување на мускулот.
Таа ќе го пропушти и Европското првенство во Минхен во август.
„Мојата цел се Олимписките игри во Париз во 2024 година, мотивирана сум да дадам се од себе за да се рехабилитирам“, изјави Влодарчик за полските медиуми.
36-годишната светска рекордерка се повредила на неверојатен начин во Варшава. Таа бркала маж кој се обидел да и го украде автомобилот.
„Ми упадна во автомобилот. Сама го фатив и го предадов на полиција. За жал, платив со повреда на мускулот“, изјави Влодарчик.
Таа на Твитер напиша и дека имала успешна операција.
„Самодовербата и оптимизмот не ме напуштија. Имам многу работа за време на рехабилитацијата. Откако ќе ми заврши кариерата, можеби ќе тренирам ММА или борење… Настрада насилникот”, се пошегува Влодарчик.