„Сити фудбал груп“, во чија сопственост се наоѓа актуелниот шампион на Англија Манчестер сити, е заинтересиран да го купи Палермо, пишуваат италијанските медиуми. Сицилијанскиот клуб банкротираше во 2019 година, по што испадна во Серија Д.
Култниот италијански клуб, моментално се наоѓа во фаза на опоравување и во штотуку завршената сезона се врати во Серија Б.
Според „Скај спорт Италија“, првиот човек на клубот, Дарио Мири имал двочасовна средба со претставници на „Сити фудбал груп“ во Милано.
„Сити фудбал груп“, е контролирана од „Групацијата Абу Даби јунајтед“, во чија сопственост се наоѓа мнозинскиот пакет на акции. Дел во групацијата имаат и инвеститори од САД и Кина.
Покрај Манчестер Сити, дел од „Сити фудбал груп“ се и Мелбурн сити (Австралија), Њујорк сити (САД), Џирона (Шпанија), Троа (Франција), Ломел (Белгија), Мумбаи сити (Индија), Монтевидео сити (Уругвај), Јокохама (Јапонија) и Сечуан (Кина).