Патеката „Алберт парк“, во Мелбурн,Австралија ќе биде домаќин на караванот во Формула 1 до 2035 година. Директорот на Формула 1, Стефано Доменикали, потврди дека со организаторите на Големата награда на Австралија е потпишан нов десетгодишен договор.
„Мило ми е што можам да потврдам дека Мелбурн и „Алберт парк“ ќе останат во календарот најмалку до 2035 година. Тркачкиот викенд во Австралија отсекогаш бил омилен меѓу навивачите, возачите и тимовите. Мелбурн е неверојатен, живописен град и е вистинското место за нашиот спорт“, рече Доменикали.
Овогодинешниот тркачки викенд на патеката во Мелбурн го посетиле речиси 420.000 фанови. Тоа е најголемата посета на сите времиња на спортски настан одржан во Австралија.
Мелбурн за прв пат беше домаќин на најбрзиот циркус во 1996 година, следната година ќе биде домаќин на придружните шампионати во Формула 1 и Формула 3. Датумот на следната Австралиска ГП ќе биде познат по формирањето на календарот за натпреварување за 2023 година.
Формула 1 шампионатот продолжува во петок во Канада, на патеката „Жил Вилнев“ во Монтреал.