Top Sport

Кер освои 33 отсто од можните НБА трофеи во последните 27 години

Кошаркарите на Голден Стејт со победата против Бостон во шестиот натпревар од финалната серија 103:90 (4-2) ја освоија седмата НБА титула во историјата и ги прескокнаа на вечната листа Чикаго Булс, кои имаат еден помалку. Далеку пред сите на оваа листа се Бостон Селтикс и Лос Анџелес Лејкерс со 17 трофеи.

Вориорс четврти пат, во последните осум години, успеаја да ја освојат титулата во НБА лигата. Стеф Кари ја комплетираше листата на индивидуални награди со трофејот МВП на финалната серија, претходно беше најкорисен кошаркар во лигата во 2015 и 2016 година и на Ол-стар натпреварот 2022 година.

Неколку тешки години минаа Вориорс, по заминувањето на Кевин Дурент, повредата на Клеј Томпсон и подмладувањето на тимот, но оваа сезона се вратија во плејофот и на супериорен начин ја освоија титулата.
Кари, Томпсон, Дрејмонд Грин и Андреа Игудала по четврти пат станаа шампиони и на вечната листа се изедначија со Леброн Џејмс како единствени активни играчи со толку титули.

Само 26 кошаркари имаат освоено повеќе титули во историјата, а меѓу нив има дури десет играчи на Бостон Селтикси кои доминираа од 1957 до 1969 година, кога во 13 сезони 11 пати беа шампиони.

Тренерот на Вориорс, Стив Кер, исто така пишува страници од историјата. Тој беше трикратен шампион со Чикаго Булс (1996-1998) и двапати со Сан Антонио Спарс (1999, 2003), а како тренер со тим од Калифорнија има четири титули. Значи, му недостига уште една за двоцифрениот број на пехари.

Интересно е што Кер освојуваше титули во четири различни децении, а импресивен е фактот што во последните 27 години, како играч и тренер, освоил 33% од трофеите, односно една третина.

Scroll to Top