Top Sport

Агаси: На Штефи Граф веќе не и е грижа за тенисот

Во интервју за италијанскиот весник „Кориере дела сера“, осумкратниот гренд слем шампион Андре Агаси зборуваше за влијанието и важноста на неговата сопруга, Штефи Граф на неговата кариера.

„Кога уште играв тенис, таа ми ја продолжи кариерата и тоа беше најпријатниот дел од мојот спортски живот. Не со работите кои ги кажуваше, туку со тие кои не мораше да ги каже. Кога ќе станеш наутро пред големо финале и најважно ти е да имаш добар појадок, потребни ти се убави зборови“, вели Агаси.

Сепак, тој вели дека сега на германската тениска дива воошпто не и недостасува тенисот.

„Штефи живее во сегашноста. Кога играше, беше фокусирана само на тенисот, но потоа не ги гледаше своите титули или старите мечеви. Кога заврши, таа навистина заврши. Пред две години, кога Серена Вилијамс го израмнуваше нејзиниот гренд слем рекорд, најтешко ми беше да им објаснам на луѓето дека воопшто не и е грижа“, открива Агаси.

Тој на крајот зборуваше за своите деца, 17-годишниот Џејден Гил и 15-годишната Џез Еле.

„Мојот син реши да игра безбол и тоа на високо ниво. Но, тоа е негов избор и сам успеа за тоа, и самиот ќе одлучи дали ќе продолжи. Безболот е нешто што тој го прави, не нешто што го дефинира како човек. Тоа е разликата. За мојот татко, на пример, тенисот е уште нешто што јас сум. Не семејството, не внуците. За него сум Андре Агаси, тенисер“, завршува Агаси.

Scroll to Top