Сагата околу иднината на Осман Дембеле ќе добие нов пресврт. Според „Мундо Депортиво“, Французинот е многу блиску до потпишување нов договор со Барселона и останување на „Камп Ноу“. Неговиот актуелен договор истекува за една седмица, а клубот веќе гледаше на него како на сигурно заминување и тренерот Чави кроеше планови за новата сезона без него. Сепак, самиот играч изрази желба да остане.
Иницијативата не доаѓа од Барселона, туку од самиот играч. Од клубот категорично изјавија дека нема да се променат условите кои Дембеле веќе ги одбил повеќепати, но понудата останува на сила и Французинот може повторно да го потпише договорот.
Всушност, на крајот од минатата сезона напаѓачот во соблекувалната покажа дека сака да остане, но досегашното однесување на неговиот агент не беше во склад со зборовите на играчот.
И покрај тоа што Барселона е изненадена од промената на ситуацијата, клубот е речиси убеден дека Дембеле ќе потпише нов договор. Ова ќе го ослободи Чави од потребата да доведе нов крилен напаѓач во летниот преоден рок.
Рафиња беше една од целите на Барселона, како и искусниот Анхел Ди Марија, кој беше понуден како краткорочно решение. Позитивниот расплет на случајот со Дембеле ќе му даде можност на клубот да се фокусира на реализација на една од другите големи цели – Роберт Левандовски, Жул Кунде или Бернардо Силва.