Сосема малку одмор имаше за капитенот на нашиот национален кошаркарски тим, Војдан Стојановски, по крајот на регуларниот дел од сезоната која ја заокружи со шампионска титула со МЗТ Скопје Аеродром. Го искористи за мини-рекуперација нашиот искусен кошаркар, и прв се појави во салата „Борис Трајковски “ во Скопје каде денеска беше означен почетокот на мини-циклусот пред она што следува во првите денови од јули, квалификациските натпревари со Шпанија, односно со Украина, за пласман во следната фаза од квалификациите за место на Светскиот куп 2023 година.
„Малку сме од искусните што останавме, имаме повеќе млади. Атмосфера секогаш имало и ќе има во репрезентацијата…“ – потенцира капитенот.
„За натпреварите, Шпанија е со истиот состав кој играше во Македонија. Дали е ‘Б’ или ‘А’ тим, Шпанија е Шпанија, ние ќе дадеме се од себе. Најважно ќе биде да се одигра достојно и против селекција од Евролигата и од Еврокупот. Дома, пак, со Украина, сакаме да одиме на победа и да ги завршиме квалификациите барем со една победа. Во овој циклус научивме дека нема слаби репрезентации. Штета што цело време не сме комплетни, поради повреди и отсуство на играчи. Последен пат бевме комплетни на ЕП 2015 во Загреб“ – констатира Стојановски.