Top Sport

Њуи: Ми велеа дека е самоубиство што одам во Ред бул

Еден од најценетите Ф1 дизајнери во последните децении, Адријан Њуи вели дека добивал коментари дека извршува „самоубиство“ во својата кариера кога решил да потпише со Ред бул рејсинг.

Британецот дизајнираше шампионски болиди за Вилијамс и Мекларен, пред да реши да потпише договор со новиот тим на Ред бул во 2006, пред нивната втора сезона во Ф1. Само четири години подоцна, тој донесе шампионска титула за австрискиот тим, кој доминираше од 2010 до 2013 со четири титули во низа за Себастијан Фетел. По ова следуваше долгата доминација на Мерцедес, која беше завршена со победата на Макс Ферстапен минатата сезона.

Во својата 17. сезона во Ред бул, Њуи вели дека направил вистински избор.

„Кога се приклучив на Ред бул, луѓето мислеа дека извршувам самоубиство на мојата кариера. Тоа беше најзадоволувачки, бидејќи со Кристијан Хорнер го преземавме Јагуар кој беше во пепел, и направивме ваков тим“, вели Њуи.

Тој исто така го коментираше карактерот на новиот пулен на тимот, Макс Ферстапен, бидејќи во својата кариера имаше шанса да работи со возачи како Аиртон Сена, Алан Прост, Фетел, Најџел Менсел, Мика Хакинен и Дејмон Хил.

„Не е фер да се споредуваат возачи од различни ери во Ф1, но Макс е сигурно на врвот. Мислам дека имиџот на преагресивен возач не е реална. Можеби на почетокот на кариерата, но лани ја освои титулата смирено, одмерено и со голема вештина. Големите возачи знаат што сакаат од болидот и како да комуницираат со своите инженери за да се стигне до целта“, додава Њуи.

Scroll to Top