Дејан Ангелоски и Александар Кирковски, како членови на македонскиот тим, минатиот викенд имаа успешен настап на највисоката трка на Алпите, скајмаратонот Монте Роса во Италија. Тие со време од 8 часа и 27 минути се пласираа на 51. место во конкуренција на вкупно 149 парови.
Оваа трка е високопланинска и датира уште од првата половина на деведесеттите години како пионерски чекор во најекстремната форма на планинско трчање – скајранингот. Во поново време се трча во парови од по двајца натпреварувачи и привлекува голем број на планински спортисти од различни земји. Скајмаратонот почнува и завршува во селото Алања Валсесиа на околу 1.000 мнв, а се искачува до врвот Маргарита на 4.554 мнв, совладувајќи дистанца од 35 километри и искачување од 3.500 висински метри по суров терен.
Дејан Ангелоски на 22 години е повеќекратен македонски шампион во планинско трчање и скајранинг со голем потенцијал за развој во овој спорт, додека Кирковски е пионер од Македонија во брзинските искачувања на високите планини со успешни потфати на Аконкагва, Елбрус, Матерхорн и други.
Учеството на „Монте Роса скајмаратон” е дел од програмата на Планинарскиот клуб “Македон” и Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.