Актуелниот шампион, Новак Ѓоковиќ, покажа дека е подготвен за одбрана на титулата, откако во второто коло на Вимблдон со 6:1/6:4/6:2 го декласираше Австралиецот Танаси Кокинакис.
Србинот почна фуриозно, правејќи предност од 3:0 во првиот сет, кој на крајот го освои за само 31 минута игра. Кокинакис беше постабилен во вториот сет, но еден брејк во третиот гем беше доволен за Ѓоковиќ да дојде до 2:0 предност во сетови, по што во третиот сет продолжи со одличната игра за комплетирање на лесната победа.
Следен противник на Ѓоковиќ може да биде неговиот сонародник, Миомир Кецмановиќ, кој во второто коло имаше 2:1 предност во сетови против Чилеанецот Алехандро Табило.
Ѓоковиќ сега нема пораз на Вимблдон неверојатни 1.812 дена, односно последен пат загуби од сега веќе пензионираниот чешки тенисер, Томаш Бердих на 12 јули 2017 година.
Финалистот од Ролан Гарос, Каспер Руд, пак испадна во второто коло, губејќи со 3:6/6:2/7:5/6:4 од Французинот Иго Умбер.