Хрватскиот шампион Динамо Загреб со убедлива победа стартуваше во второто квалификациско коло, во Лигата на шампионите. Вечерва, во Загреб, Динамо со 5:0 го порази шампионот на Израел, Хапоел Бер Шива.
Два гола, во најтешкиот пораз на израелскиот тим во последните 20 години, постигна македонскиот репрезентативец Аријан Адеми.
Динамо по првиот дел имаше водство од 2:0 со головите на Хајровиќ во 22. и Оршиќ во 28.минута. Во вториот дел, во периодот од 50. до 61.минута два гола постигна Адеми, а судбината на Израелците ја запечати Хоџиќ во 83.минута.
Реваншот во Израел се игра за една недела и тој ќе претставува само формалност за хрватскиот првак. Во третата рунда противник на победникот од овој двомеч ќе биде подобриот од двомечот Астана-Митјиланд. Астана првиот меч го доби со 2:1.