Top Sport

Ибраими го реши Шериф (Видео)

Фудбалерите на Шкендија минимално го совладаа Шериф Тираспол, во првиот натпревар од второто квалификациско коло во Лигата на шампионите. Единствениот гол на „Филип Втори“ стадион во Скопје, го постигна Бесарт Ибраими во 24.минута.

Шкендија победи, но може да жали што на реваншот во Тираспол нема да носи поголема предност. Исклучително добро делуваа играчите на македонскиот првак во првото полувреме, кога по голот на Ибраими, Бразилецот Жуниор немаше среќа да постигне гол.

Ибраими, во 24.минута, изведе слободен удар од некои 21-22 метри и успеа да го погоди спротивниот агол на голманот Микулиќ.

Потоа Жуниор имаше колосална шанса во 36.минута. Бразилецот успеа да го префрли голманот Микулиќ, но од гол линијата топката успеа да ја исфрли Кулушиќ.

Пет минути подоцна, Бразилецот повторно немаше среќа, неговиот обид со глава заврши во дирекот.

Во второто полувреме, Шкендија му ја препушти топката на противникот, а својата шанса за постигнување на гол ја бараше преку брзите напади. Сепак, Шкендија, во вториот дел не успеа да создаде чиста шанса за гол.

Молдвците, иако беа во подредена улога во првиот дел, имаа свои шанси да заминат и непоразени во Скопје, меѓутоа двата нивни најсериозни обиди ги скроти Захов.

Реваншот по кој ќе биде познат патникот во третото коло ќе се одигра за една недела во Модавија. Победникот од овој двомеч, во третото коло ќе игра против Ред Бул Салцбург.

Scroll to Top