Дерек Чисора ја прекина серијата од три последователни порази во борбите за титулата и со победата над Кубрат Пулев, го освои шампионскиот појас во тешка категорија во верзијата на ВБА.
Чисора победи со судиска одлука по 12 рунди, двајца судии му ја доделија победата со 116:112 и 116:114, а третиот судија бодуваше во корист на Пулиев 112:116.
Пред почетокот на мечот, многумина беа сигурни дека оваа борба што ќе го одведе 38-годишниот Чисора во пензија, но по победата во лондонската „О2“ арена тој и понатаму останува меѓу активните боксери.
Ова беше втора борба меѓу Чисора и три години постариот бугарски боксер, а соодносот меѓу двајцата сега е изедначен. Да потсетиме, Пулев во 2016 година славеше во борбата за титулата европски првак во тешка категорија.
Чисора изгледаше подобро во рингот како одминуваше мечот и сега по 45. меч во професионалната кариера има сооднос од 33 победи и 12 порази. Пулев го забележа третиот пораз во 32. борба.