Италијанскиот кошаркар Данило Галинари во следните две сезони ќе го носи зелениот дрес на Бостон Селтикс. Менаџерот Мајкл Телем откри дека минатиот викенд Галинари потпишал договор вреден вкупно 13,3 милиони долари.
Галинари минатата сезона играше за Атланта Хокс, постигнуваше по 11,7 поени по натпревар, со реализација на шутот за три поени од 38 отсто.
Сепак, на крајот на сезоната тимот од Џоџрџија го испрати во Сан Антонио во трејд во кој во спротивна насока дојде Дежанте Мареј.
Италијанецот брзо беше отпуштен од „мамузите“, а брзо најде нов дом – ќе биде еден од клучните играчи на клупата на актуелниот вицешампион Бостон, заедно со плејмејкерот Малколм Брогдон, кој пристигна во трејд од Индијана Пејсерс.
Галинари пред Атланта играше во НБА за Њујорк Никс, Денвер, ЛА Клиперс и Оклахома сити, а во Европа беше член на Казалпустерленг, Нуова Павија и Армани, а играше и за тимот од Милано за време на локаутот во 2011 година.
Тој беше драфтуван во НБА во 2008 година како шести пик од првата рунда и оттогаш започнува неговата кариера во НБА.
ЕСПН нуди интересен податок – меѓу играчите повисоки од 208 сантиметри во историјата на НБА, само Дирк Новицки, Рашард Луис, Кевин Дурант и Пеѓа Стојаковиќ постигнале повеќе тројки од Галинари.