Фудбалерот на Борусија, Џуд Белингем, одлучи и оваа сезона да настапува за клубот од Дортмунд.
Англискиот репрезентативец поради тоа ќе биде главна ѕвезда на летниот преоден рок во 2023 година, пренесуваат шпанските медиуми. За младиот англиски фудбалер најголем интерес покажаа Реал и Ливерпул.
Шпански „Спорт“ наведува дека Белингем би бил идеална замена за Лука Модриќ и Тони Крос, чии договори истекуваат на крајот од следната сезона.
Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп неодамна изјави дека Белингем би можел да го засили клубот од „Енфилд“, но истакна дека единствениот проблем е што англискиот фудбалер не е на продажба.
Белингем (19) пристигна во Борусија од Бирмингем во 2020 година за 25 милиони евра. Неговата вредност се проценува на околу 80 милиони евра. За репрезентацијата на Англија има одиграно 15 натпревари.