Тренерот на Наполи, Маурицио Сари се надева дека преполниот стадион „Сан Паоло“ ќе внесе страв кај играчите на Манчестер сити пред нивниот дуел од Лигата на шампионите.
Сити го добија првиот меч од групата Ф, судирот на лидерите во Премиер лигата и во Серија А со 2:1 на „Етихад“ пред две недели, и сега Сари се надева дека поинаквата атмосфера во Неапол во среда ќе биде одлучувачка.
„Кога играш дома имаш голема предност – за нас тоа се фантастичните навивачи, но Сити се научени на таква атмосфера. Би сакал да видам страв на нивните лица на ‘Сан Паоло’“, вели Сари.
Наполи има фуриозен старт на домашното првенство, со 10 победи и 1 реми во 11 натпревари и со фантастични 32 гола. Единствената мака е Лигата на шампионите, каде што покрај поразот од Сити, загубија и кај Шахтјор Доњецк и сега се на третото место со шест поени помалку од Сити, на кои им треба еден поен за пласман во ЛШ.
„Не знам дали овој натпревар ќе биде одлучувачки, бидејќи на хартија Сити можат да ги победат сите мечеви. Кој ќе им земе поен ќе биде во предност. Никој не е непобедлив, меѓутоа според мене тие се најдобриот европски тим во моментов со најдобриот тренер на светот“, додаде Сари.
Посветеноста на напаѓачкиот фудбал на Сари му донесе споредби со шефот на Сити, Пеп Гвардиола, но Италијанецот вели дека таква споредба е неправилна.
„Не можам да се споредувам со Гвардиола – тој е најдобриот тренер на светот. И јас имам идеи, но ништо не сум освоил, така што нема споредба. Зборуваме за тренерот кој го смени фудбалот“, вели Сари.