Францускиот шампион Пари Сен Жермен сака да го задржи Лионел Меси и по јуни 2023 година, до кога има важечки договор со клубот. Раководството на „светците“ веќе му најавило на Аргентинецот дека е добредојден во Париз до 2024 година.
Новиот тренер Кристоф Галтие очекува Лео Меси во новата сезона да игра многу подобро од првата година во Париз, а тој не претставува товар на клубот и покрај огромната плата.
ПСЖ пријави големи приходи од рекламирање и продажба на производи откако Лионел Меси дојде на „Паркот на принцовите“. Минатата сезона ПСЖ продаде над еден милион дресови, што е првпат во клупската историја. Дури 60% од нив биле со името и бројот на Лео Меси.
Приходите од реклами исто така се зголемени за 13%, најмногу поради ангажманот на 10 нови спонзори што пристигнаа веднаш по потписот на Лионел Меси.