Top Sport

Ериксен три години во Манчестер јунајтед

Кристијан Ериксен (30) официјално го засили Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ потврдија дека 30-годишниот дански фудбалер потпишал договор до 2025 година.

„Манчестер Јунајтед е посебен клуб и едвај чекам да заиграм. Многупати ја имав честа да играм на „Олд Трафорд“, но кога ќе заиграм во црвениот дрес тоа ќе биде неверојатно чувство“, изјави Ериксен и за соработката со Ерик тен Хаг рече:

“Ја следев неговата работа во Ајакс. Знам колку внимава на сите детали. Тој е одличен тренер, разговарав со него и тој ми објасни што сака да види на теренот. Возбуден сум. Имам многу амбиции и знам дека можам да постигнам многу“, рече Ериксен.
Да потсетиме, Ериксен пред една година доживеа срцев удар на натпреварот на ЕП меѓу Данска и Финска.

Иако се сметаше дека неговата кариера е завршена, Ериксен беше опериран за да му вгради дефибрилатор што му овозможи да се врати на теренот.

Тој потпиша за Брентфорд на почетокот на оваа година. Одигра неколку одлични натпревари, со што го обнови интересот на големите клубови за неговите услуги.

Во својата богата кариера, пред Брентфорд, Ериксен настапуваше и за Интер, Тотенхем и Ајакс.

 

Scroll to Top