Атлетико Мадрид и Арсенал, попладнево, играа во Сингапур во рамките на Интернационалниот куп на шампионите. Дуелот во 90 минути заврши 1:1, а по изведувањето на пенали победи Атлетико со 3:1. Апсолутен херој беше резервниот голман на Атлетико, Антонио Адан, кој пред две недели пристигна во тимот од Бетис.
Двајцата тренери, Диего Симеоне и Унаи Емери, настапија со комбинирани тимови, Атлетико на оваа турнеја нема ниту еден фудбалер што настапи на Светското првенство во Русија, додека кај Арсенал Месут Езил не настапи, а Хенрик Мхитаријан влезе во второто полувреме..
Во двата тима, особено во второто полувреме настапија многу млади фудбалери од вторите екипи.
Првиот гол го постигна Лусиано Вието, во 41.минута. Аргентинецот со глава го совлада Бернд Лено, откако му асистираше сонародникот, Анхел Кореа.
Арсенал успеа да израмни на самиот почеток на второто полувреме, а стрелец беше Емил Смит-Ров. Овој 17-годишен фудбалер постигна убав гол од 20 метри.
До крајот на мечот ниту еден од тимовите не успеа да постигне гол, поради што прашањето на победникот го решија пеналите.
Апсолутен херој во пенал-рулетот беше 31-годишниот голман на Атлетико, Антонио Адан, кој на голот на Атлетико во второто полувреме го замени Јан Облак. Адан, одбрани три пенали и го реализираше последниот удар од белата точка за својот тим за конечни 3:1 во пенал серијата.