Бразилскиот атлетичар, Алисон Дос Сантос го освои златниот медал на 400 метри со пречки на Светското првенство во Јуџин. Тој победи со време 46.29 секунди, со што постави нов рекорд на планетарните шампионати.
Дос Сантос, во Јуџин, го подобри рекордот на Американецот Кевин Јанг, 47,18 секунди, од 1993 година во Германија.
„Многу сум среќен, енергијата што ја добив од трибините беше нереална. Чувствував дека луѓето се со мене. Кога победуваш, стануваш миленик на сите”, изјави Дос Сантос по трката.
Сребрениот медал го освои Американецот Реј Бенџамин (46,89), додека бронзата му припадна на Тревор Басит (47,39).
Олимпискиот шампион Карстен Ворхолм од Норвешка кој неодамна имаше проблеми со повреда на грбот трката ја заврши на седмото место.