Британскиот велосипедист, четирикратен победник на Тур де Франс, Крис Фрум, денеска се повлече од годинешната трка откако беше заразен со коронавирусот. Фрум е еден од тројцата возачи кои не стартуваа во денешната 18-та етапа, бидејќи нивните тестови беа позитивни на Ковид-19. Освен него, отпаднаа Иманол Ервити и Дамијано Карузо.
По 17-та етапа, Фрум беше 26-ти во генералниот пласман, еден час и 27 минути зад водечкиот Данец Јонас Вингегард. Откако претрпе сериозна несреќа во 2019 година, неговиот најдобар резултат е третото место на 12. етапа минатата недела.
„Навистина сум разочаран што нема да можам да стигнам до Париз и да ја завршам оваа Тур де Франс. Ова е многу посебна трка за тимот и за мене, бидејќи повторно почнувам да ги „чувствувам нозете“. Благодарен сум на сите за поддршката во текот на целиот процес. Сега си одам дома, ќе се исклучам на неколку дена и потоа ќе се подготвам за Вуелта а Еспања“, рече Фрум во видео порака.
Фрум двапати ја освои Вуелта, во 2011 и 2017 година. Оваа година трката ќе се вози од 19 август до 11 септември.