Шерика Џексон од Јамајка и Ноа Лајлс од САД, ги освоија златните медали на трките на 200 метри на Светското првенство во Јуџин, Орегон.
Џексон победи со резултат 21.45 секунди. Ова е нов рекорд на светските првенства и второ најбрзо време во историјата.
Светскиот рекорд сè уште го држи Американката Флоренс Грифит-Џојнер со 21.34 секунди, што го истрча на Олимписките игри во Сеул во 1988 година.
Џексон на тој начин го освои својот втор медал во Јуџин, по среброто на трката на 100 метри.
Нејзината сонародничка Шели-Ен Фрејзер-Прајс го освои среброто за 21.81 секунди. Тоа е нејзин втор медал во Јуџин, откако го освои златото на 100 метри.
Британката Дина Ашер-Смит, која ја бранеше титулата, ја освои бронзата на 200 метри со време од 22.02 секунди и спречи нова тројна победа на Јамајканката.
Во машка конкуренција на 200 метри доминираа спринтерите од САД, а титулата ја одбрани Ноа Лајлс со резултат 19.31 секунда, што е моментално најдобро време во светот и нов американски рекорд.
Тој го собори рекордот на Мајкл Џонсон од 19.32 од Олимписките игри во Атланта во 1996 година. Џонсон го постигна тој подвиг 368 дена пред да се роди Лајлс.
Лајлс го забележа третиот најдобар резултат во историјата на 200 метри, зад Јамајканецот Усеин Болт – 19.19 секунди од 2009 година и Јохан Блејк, кој истрча 19.26 секунди две години подоцна.
Сребрениот медал го освои Кенет Беднарек со 19.77 секунди, а бронзата Ерјон Најтон со 19.80 секунди.