Top Sport

Мендеш бара нов клуб за Роналдо и нуди попуст од 30 отсто

Менаџерот на фудбалерот на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо, Жорж Мендеш се обидува да најде нов тим за својот клиент. Мендеш на заинтересираните им порача дека португалскиот репрезентативец е подготвен да прифати 30 отсто помала плата од онаа што ја има во клубот од „Олд Трафорд“, пренесуваат британските медиуми.

Роналдо наводно е заинтересиран за преселба во Атлетико, но претставниците на мадридскиот клуб се уште немаат огласено по ова прашање. Британските медиуми тврдат дека Мендеш го нуди Роналдо на други клубови, бидејќи сака да го комплетира трансферот пред почетокот на сезоната во Премиер лигата на 6. август.

Португалецот моментално во Манчестер заработува околу 560.000 евра неделно, а со „црвените ѓаволи“ има договор до јуни следната година. Тој изрази желба да го напушти клубот од „Олд Трафорд“, кој следната сезона нема да игра во Лигата на шампионите, а португалскиот фудбалер е незадоволен и од трансфер политиката на англискиот клуб.

Медиумите шпекулираа дека за Роналдо се заинтересирани Баерн, Спортинг, Челзи, Реал и ПСЖ, но овие информации беа демантирани.

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг изјави дека во новата сезона смета на Роналдо, иако Португалецот не отпатува со тимот на подготовки во Азија и Австралија.

Scroll to Top