И покрај тоа што менаџерот Ерик тен Хаг и раководството на Манчестер јунајтед упорно повторуваат дека сакаат Кристијано Роналдо да остане на „Олд Трафорд“ и дека тој е главен во новиот проект на клубот, Португалецот одамна јасно им стави до знаење на сите дека сака да си замине.
Роналдо не е задоволен во Јунајтед, не сака да игра во Лига Европа и неговиот агент Жорге Мендеш цело лето се обидува да го продаде низ Европа.
Роналдо беше поврзуван со Баерн, Рома, ПСЖ, Спортинг, Атлетико Мадрид дури се зборуваше дека може да се врати во Реал или Јувентус.
Повеќето од гореспоменатите клубови не го сакаа Португалецот, а тие што го сакаа немаа пари да ги покријат трошоците за обесштетување и неговата плата.
Сепак, може да има голем пресврт. „АС“ ја објави веста дека Роналдо го бара контроверзниот претседател на Наполи, Аурелио де Лаурентис.
„Роналдо може да биде нашиот Марадона“, ги пренесува зборовите на Де Лаурентис, овој медиум.
Де Лаурентис со Португалецот во Неапол сака да го повтори лудилото кое настана кога Марадона пристигна во 1984 година и му донесе две шампионски титули на овој клуб.
„АС“ пишува дека оваа приказна не е без основа бидејќи Де Лаурентис и Мендеш се големи пријатели, а во Наполи Португалецот оваа сезона би играл во Лигата на шампионите, што нема да може да го направи со Јунајтед.