Португалската ѕвезда Кристијано Роналдо сака да замине од „Олд Трафорд“ и побарал од раководството на Манчестер Јунајтед да го раскине неговиот договор со клубот. Тој има уште една година од актуелниот договор, но агентот Жорге Мендеш најавил дека Роналдо е расположен за прекинување на соработката. Како една од причините го навел недостигот на спортска мотивација кај неговиот клиент, со оглед дека Манчестер Јунајтед нема да игра во Лигата на шампионите оваа сезона.
Португалецот е подготвен да се откаже од комплетната заработка за претстојната сезона, неделната плата од 430.000 евра и едноставно сака да добие документи дека е слободен фудбалер, по што би можел и многу полесно да пронајде нов клуб каде ќе ја продолжи кариерата.
Засега нема информации од „Олд Трафорд“ дали Манчестер Јунајтед е согласен за ваков развој на настаните или пак ќе инсистира од Кристијано Роналдо да си ја одработи последната година од договорот. Тој го пропушти стартот на подготовките и не замина со тимот на претсезонската турнеја.