Асот на Ферари, Шарл Леклер вели дека морал да заборави на неговото излетување на Француското ГП минатиот викенд, по кое Макс Ферстапен победи и направи разлика од 63 поени во генерален пласман и дека овој викенд во Унгарија ќе оди на победа.
Леклер беше во водство на патекта Пол Рикар, кога напрви грешка и излета, поставувајќи се во многу тешка ситуација во борбата за светската титула, откако на стартот на сезоната имаше дури 40 поени предност пред ривалот од Ред бул.
„На крајот на краиштата, нема да ми помогне да размислувам за грешката или да останам во минатото. Згрешив, тоа ме чинеше многу поени и свесен сум за тоа. Но, сега одиме понатаму, се фокусираме 100 отсто на овој викенд и одиме на победа“, вели Леклер.
Тркачот од Монако исто така додава дека инцидентот во 17. круг на кривината Босе немал врска со силниот ветер.
„Мразам да кажувам: ‘Да, беше ветерот, или птиците’. Јас го возам болидот и јас направив грешка. Не е лесно кога се вози на граница. Мислам дека имааме силен болид и дека можеме до победа“, додава Леклер.