Top Sport

Ексдиректорот на Ф1, Маси вели дека го направиле „најомразениот човек на светот“

Поранешниот директор на Ф1 трки, Австралиецот Мајкл Маси открива дека добивал „гнасни“ пораки и закани со смрт по неговата контроверзна одлука на минатогодишната трка во Абу Даби по кој Макс Ферстапен стана светски шампион, а титулата во последниот круг ја загуби Луис Хамилтон.

Маси одлучи да дозволи само дел од болидите кои се наоѓаа меѓу Хамилтон и Ферстапен да ги поминат лидерите под безбедносно возило, по што Ферстапен со својот Ред бул на посвежи гуми го победи Луис Хамилтон во Мерцедес и така му ја уништи можноста да стане осумкратен светски шампион. Според правилата, сите болиди кои заостануваа цел круг требаше да добијат дозвола да ги поминат лидерите, но Маси сакаше да има возбудлива битка за титулата во еден круг.

44-годишниот Маси беше отстранет од позицијата директор на трки по истрагата на ФИА, а неодамна целосно си замина од ФИА, за да се врати во Австралија.

„Имаше некои темни денови за мене. И апсолутно се чувствував како најомразениот човек на светот. Добивав закани за мојот живот, луѓето ми велеа дека ќе дојдат по мене и моето семејство. Се сеќавам кога бев на улиците на Лондон еден-два дена подоцна, и почнав да гледам зад мене. Имав чувство дека некој ќе ме фати“, вели Маси во интервју за „Дејли телеграф“.

Scroll to Top