Асот на Ферари, Шарл Леклер, признава дека е тешко да се остане позитивен откако нова стратешка грешка на неговиот тим во Унгарија значи дека тој сега заостанува дури 80 поени во генерален пласман зад Макс Ферстапен во Ред бул пред летната пауза во Ф1.
Леклер беше во супер-позиција како лидер по половина трка, пред лошата проценка на Ферари да го постават на тврди гуми да му ја уништи трката и тој беше само шести, зад Ферстапен, кој од 10. место стигна до спектакуларна победа.
„Денеска не беше добро, минатата недела исто така не беше добро, иако повторно ја имаме брзината во болидот. Мораме да ги надминеме овие проблеми и да ги составиме сите делови од сложувалката, бидејќи секогаш изгледа дека нешто мора да тргне наопаку. Мораме бргу да го надминеме ова. Стратегијата беше катастрофална, тврдите гуми ме чинеа победа, тоа е јасно. Навистина не знам зошто бев на тврди гуми“, изјави Леклер.
Шефот на тимот, Матија Биното, пак, инсистира дека гумите не биле проблем, туку перформансите на болидот.
„Ќе биде потребна анализа на тоа што се случи, бидејќи не ги добивме перформансите кои ги очекувавме. Меки, средни или тврди гуми, перформансите на болидот не беа тука. Можеби затоа што беше постудено од петокот. Зошто го поставивме Леклер на тврди гуми? Знаевме дека ќе биде тешко да се загреат, но мислевме дека ќе бидеме доволно брзи во трката. Но, не функционираше така бидејќи болидот не работеше според очекуваното“, објаснува Биното.
Унгарски спектакл на Ферстапен, ново „тактичко самоубиство“ на Ферари!