Фудбалерите на Брегалница триумфираа со 1:2 на гостувањето против Беласица на пријателскиот натпревар во рамките на јубилејот „100 години Беласица“ кој за „сините“ беше и генералка пред стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Во интересен дуел на крајот Брегалница сосема заслужено триумфираше на стадионот „Благој Истатов“ во Струмица, иако Беласица поведе со ефектниот гол на Даниел Радојчиќ уште во 4. минута од натпреварот.
Но, потоа Брегалница низ далеку поофанзивна игра, во 23. минута дојде до израмнување по одличната акција почната од Ѓокиќ до Ѓорѓиев кој прецизно пред голот на Беласица го проигра Додев на кого не му беше тешко од 5-6 метри да погоди за 1:1.
Второто полувреме повторно беше со тотална иницијатива на избраниците на Илчо Ѓорѓиоски. Ѓорѓиев во 67. минута пропушти 100% можност, но истата не ја пропушти Марселин Галдо Биала, фудбалер кој е на проба во редовите на „сините“, а кој во 73. минута постигна убав погодок со шут од 25 метри за водство од 1:2.
Во рамки на прославата беше организирана и културно-уметничка програма, а посебна плакета доби најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев кој потекнува токму од ФК Беласица.