Ферари можеби ќе се вратат посилни на крајот на летната Ф1 пауза, но најверојатно без шефот Матија Биното, смета поранешниот Ф1 возач, Ралф Шумахер, додавајќи дека во Италија сигурно веќе се носат драстични одлуки по падот на формата и неубедливите тактички одлуки.
На стартот на сезоната, Ферари го имаа убедливо најбрзиот болид и изгледаше дека ќе „избегаат“ со светската титула, но како што се нижеа трките, Ред бул и Макс Ферстапен ја презедоа контролата на шампионатот. Покрај тоа, тука беа и неколку лоши тактички одлуки, како и низа непостојности на болидот, откако Шарл Леклер загуби две трки откако неговиот мотор откажа.
Ралф Шумахер смета дека иако и возачите имаат своја вина, во Маранело ќе се бараат одговори од Биното.
„Мислам дека и во текот на летната пауза неговата позиција е во опасност. Има премногу работи кои тргнаа наопаку и премногу технички проблеми. Ако им подарувате поени на ривалите на ваков начин, тогаш носите горчина во тимот. Згрешија во петокот користејќи гуми кои беа потребни за трката, а последното влегување во боксот на Леклер беше несфатливо. Мислам дека ниту во Ред бул не очекуваа ваква помош“, вели Ралф Шумахер за „Скај“.
Биното, пак, се брани дека неговиот тим почесто носи исправни одлуки.
„Неодамна имавме исправна стратегија, како во Франција и Австрија, така што повеќе пати сме во право. Понекогаш правиме грешки, но и другите го прават истото, само што не се анализираат детално како нашите“, се бранеше Биното.