Top Sport

Американската кошаркарка повторно пред руски суд, САД бара размена на затвореници

Американската кошаркарка Бритни Гринер се врати пред рускиот суд додека САД се обидоа да ја ослободат со размена на затвореници за да и помогнат да избегне до 10 години затвор поради обвиненијата за трговија со дрога.

Гринер, двократна освојувачка на златен олимписки медал со репрезентацијата на САД и ѕвезда во Женската национална кошаркарска асоцијација (WNBA), беше приведена на московскиот аеродром Шереметјево на 17 февруари со течност за електронски цигари кое содржи масло од хашиш во нејзиниот багаж.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во средата изјави дека САД и дале „значајна понуда“ на Русија да ги ослободи американските државјани притворени во Русија, вклучително и Гринер и поранешниот маринец Пол Вилан.

Изворот рече дека официјален Вашингтон е подготвен да тргува со осудениот трговец со оружје Виктор Бут, познат како „Трговец на смртта“.

Русија потенцира дека сè уште не е постигнат договор, а Гринер најверојатно нема да биде разменета до пресудата, која би можела да биде во средината на август.

Гринер (31) се изјасни за виновна за обвиненијата против неа, но негираше дека имала намера да го прекрши рускиот закон.

Двократната олимписка шампионка минатата недела сведочеше дека не можела да разбере како течноста со масло од хашиш завршила во нејзиниот багаж, шпекулирајќи дека можеби ненамерно го спакувала брзајќи да замине.

Гринер брзаше да се приклучи на нејзиниот руски тим Екатеринбург откако помина одредено време дома во Соединетите Американски Држави.

Scroll to Top