Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, победи на трката за Големата награда на Унгарија. Британецот во целта влезе со време 1:37.16.427 часа и ја зголеми предноста пред Себастијан Фетел во Генералниот пласман. Денешниот триумф е шести во кариерата за Хамилтон на Хунгароринг.
Хамилтон, трката ја започна од пол-позицијата и не ја предводеше трката само кога беше во пит-стопот. Втор заврши Себастијан Фетел, а трет неговиот колега од Ферари, Кими Раиконен.
Ферари, во Унгарија повторно ја згреши тактиката, предоцна го повикаа во боксот, а и кога влезе во боксот механичарите предолго му ги менуваа гумите.
Клучен за триумфот на Хамилтон беше и Ботас, кој одлично ја одработи својата задача во моментите кога требаше да ги задржи зад себе болидите на Ферари.
Сепак Финецот од Мерцедес во 65 круг направи голма грешка, кога удри во Фетел, во моментите кога Германецот веќе го помина. Ботас потоа имаше уште еден инцидент, близок контакт со Даниел Рикарод од Ред Бул.
На крајот зад Хамилтон, Фетел, Раиконен и Рикардо, трката ја завршија Ботас, Гасли, Магнусен, Алонсо, Саинс, Грожан.
Хамилтон со победата во Унгарија ја зголеми предноста во генералниот пласман, во однос на Фетел на 24 бода.
Во шампионатот на Ф1 следува пауза од еден месец, а наредната трка се вози на 26.август во Белгија.