Ден пред првиот натпревар во новата сезона против Рајо Ваљекано (сабота, 21 часот), Барселона има само 17 пријавени играчи.
Челниците на клубот на чело со претседателот Џоан Лапорта продолжуваат да шират оптимизам, додека спортскиот сектор предводен од директорот Матео Алемани и тренерот Чави се сериозно загрижени.
Поради големите долгови и неможноста да се испочитува финансискиот ферплеј во Ла Лига, Барселона се уште не може да ги регистрира новите играчи, но и оние кои ова лето ги продолжија договорите.
Медиумите пишуваат дека Франк Кеси и Андреас Кристенсен имаат клаузула во договорите што можат да ја активираат во сабота и да си заминат од клубот без обесштетување, доколку не бидат пријавени до стартот на првенството.
Но, тоа не е единствениот проблем. Се уште нема услови за пријавување на останатите засилувања (Жил Кунде, Роберт Левандовски, Рафиња), како и на двајцата играчи кои ги продолжија договорите – Серхи Роберто и Усман Дембеле.
Засега броеви за новата сезона имаат: 1) Тер Штеген, 2) Дест, 3) Пике, 4) Араухо, 18) Алба, 24) Е. Гарсија, 5) Бускетс, 8) Педри, 16) Пајниќ, 21) Ф. Де Јонг, 11) Ф. Торес, 10) Фати, 14) Депај, 17) Обамејанг.
Нико Гонзалес, Мартин Брејтвајт и Самуел Умтити се меѓу пријавените, но тие намаат броеви бидејќи тренерот Чави не смета на нив. Гонзалес би можел да се пресели на позајмица во Валенсија, за Умтити никој не покажува интерес, додека Брејвајт не сака да го напушти клубот.
На списокот ги нема Гави, Балде и Абде, момци кои ќе бидат пријавени за Б тимот, но и со таа регистрација ќе можат да играат во Примера.
Да потсетиме, Каталонците со недели го притискаат Де Јонг да му ја преполоват платата или да прифати трансфер, за да може да регистрираат барем дел од засилувањата. Како друга опција за продажба се се споменува голманот Тер Штеген.