Борна Чориќ, победникот на Мастерсот во Синсинати, направи неверојатен скок на АТП листата. Титулата во Синсинати му овозможи да напредува за 123 позиции. На врвот нема промени, Данил Медведев е прв пред Александар Зверев.
Чориќ во Синсинати пристигна како 152. играч во светот, ја освои титулата и се искачи на 29.место на АТП листата, со што си обезбеди статус на носител на претстојниот Ју-ес опен. Најдобар негов пласман на АТП листата е 12. место.
Меѓу најдобрите 10 на листата има неколку промени. Финалистот во Синсинати Стефанос Циципас се врати на петтото место, тој напредуваше две позиции. Седми играч во светот сега е Каспер Руд.
Феликс Оже-Алијасим напредуваше една позиција, сега е осми играч во светот, деветти е Камерон Нори. Британецот прв пат во кариерата влезе во Топ 10. Меѓу најдобрите десетмина повеќе не е Андреј Рубљов. Тенисерот од Русија назадуваше три позиции, сега е 11. на АТП листата.