Динамо Загреб синоќа на „Максимир“ го победи Бодо со 4:1 во реваншот од плеј-офот на Лигата на шампионите и по три години се врати во групите од најелитното европско натпреварување. Хрватскиот шампион победи дури по продолженијата, во кои Дрмиќ и Бочкај постигнаа голови во 117. и 120. минута.
Динамо со влезот во Лигата на шампионите заработи најмалку 22 милиони евра. За влез во групите доби 15,94 милиони евра, а на клупскиот коефициент во последните пет години ќе добие околу шест милиони евра. Тоа е минимумот што го заработи клубот.
Но, освен клубот, нешто ќе заработат и фудбалерите. За овој влез во Лигата на шампионите не беа предвидени дополнителни бонуси, туку оние кои веќе подолго време се во клупскиот правилник.
По 100.000 евра треба да добијат оние играчи кои го понесоа најголемиот товар за пласман во ЛШ, односно оние кои играа најмногу, а другите ќе дбијат помала сума.
Кога станува збор за бонусите за резултати во Лигата на шампионите, последен пат кога Динамо играше во неа, за победа играчите добиваа по 50.000 евра, а за реми по 30.000 евра. Слични суми треба да се поделат и оваа сезона, иако може да има мало зголемување на наградите.