Светскиот шампион на Ред бул, Макс Ферстапен беше речиси цела секунда побрз од Шарл Леклер во Ферари на вториот тренинг пред Белгиското ГП на класичната Спа-Франкошамп, најавувајќи интересна битка во недела откако двајцата возачи имаа промени на моторите, по што ќе добијат казни, односно ќе стартуваат од пониските позиции.
Ферстапен беше трет на првиот тренинг, кој беше одбележан од дождливо време и во кој најбрз беше Карлос Саинс Јуниор во второто Ферари, но во второто на меки гуми постави круг од 1:45.503, убедливо најбрзо. Само Леклер беше во опсег на една секунда од Холанѓанецот, за 0.862 секунди.
Саинс, овојпат беше само петти со 1.142 секунди заостанување, откако пред него беа Лендо Норис во Мекларен и Ленс Строл во Астон Мартин. Луис Хамилтон во Мерцедес беше шести, пред Фернандо Алонсо (Алпин) и вториот Мерцедес на Џорџ Расел.