Даниел Галан Риверос од Колумбија, 94. на АТП листата, го победи Стефанос Циципас во првото коло на Ју-ес опен. Галан по два часа и 48 минути игра ја прослави најголемата победа во кариерата, резултатот беше 6:0, 6:1, 3:6, 7:5. Колумбискиот тенисер на тој начин влезе во друштво на Ѓоковиќ и Надал, кои се единствените играчи кои некогаш земале сет без загубен гем против Циципас.
Галан фуриозно влезе во мечот, го искористи тоа што Циципас имаше проблем со десното рамо и експресно ги освои првите 11 гема. Циципас успеа да се врати, го доби третиот сет, имаше и брејк во четвртиот, но не успеа да се избори за уште еден сет. Галан најпрвин го врати брејкот, а потоа ја искористи деветтата меч топка.
Пораз во првото коло доживеа и 12.фаворит Тејлор Фриц. Тој загуби од сонародникот, анонимниот Брендон Холт.
Холт, 303. тенисер на планетата, по нешто повеќе од три часа игра го совлада Фриц со 6:7(3), 7:6(1), 6:3, 6:4.