Top Sport

Беноа Пер си ја спакува торбата пред крајот на мечот

Францускиот тенисер Беноа Пер загуби во првото коло на Ју-ес опен од Британецот Камерон Нори со 3:0 во сетови. Пер, 173. тенисер во светот, беше далеку од фаворит против деветтиот светски тенисер Нори, но впечатокот е дека му дозволи на Британецот премногу лесно да го победи.

Првиот и третиот сет Нори ги доби со 6:0, додека Пер добар отпор пружи само во вториот сет, кој Нори го доби со 7:6. Првиот сет траеше 19 минути, а третиот 20. На 5:0 во третиот сет Пер ги спакува работите во торбата за што поскоро да го напушти теренот.

„Не ми беше лесно од почетокот на годината. Се чувствувам лошо на теренот и денеска повторно беше така. Во вториот сет водев 5:3 и требаше да го освојам. Тоа би било добро за мојата глава, но моите демони се вратија. Не сум сигурен дека ќе продолжам да играм оваа сезона. Можеби ќе престанам сега и ќе се вратам следната година“, изјави Пер по мечот.

Францускиот тенисер е познат по своето чудно однесување и повремено „танкирање“, односно незалагање на теренот. Со овој настап заработи 80.000 долари, но можно е организаторите да му ги одземат.

Scroll to Top