Марија Шарапова има 18 гренд слем титули помалку од Серена Вилијамс (5-23), но во последната деценија, до 2015, Русинката беше најплатената спортистка на светот.
Во текот на годините, Маша од Сибир научи како да стане вистинска бизнисменка, потпишувајќи договори за спонзорство со Порше, ТАГ Хојер, Евијан, обновувајќи го договорот со Најк на 10 години за 70 милиони долари, и секако формирањето на сопствената компанија за слатки „Шугарпова“.
„Станувам навистина страсна за продуктите и тоа го прави моето партнерство посебно во многу форми. Ако некој каже нешто лошо за мојот продукт, тогаш тоа го сфаќам лично. Секој може да биде заштитно лице и да се појави на фото-сесија. Сакам да знам што се случува зад сцената“, вели Шарапова во интервју за „Ад ејџ“.
Русинката се потсетува и на интервјуто од 2001 за ХБО во кое беше запрашана што би сакала повеќе – да победи на Вимблдон или да заработи 20 милиони долари од спонзорства.
„Би сакала да победам на Вимблдон, бидејќи тогаш милионите сами ќе дојдат“, изјави тогаш Шарапова.